Според календарот на МПЦ денес е денот на Свети Петар и Февронија – ден на семејството, љубовта и верноста.
ЖИТИЕ
„Ова се случува толку одамна, кога дури ни цареви немало. Со градот Муром владеел принцот Павле и принцезата Марија. Павле имал помал брат – Петар, весел принц, кој сакал да јава коњи, кого другарите го сакале, играле со него, а и сакале да си играт и со девојките, но, девојките не секогаш ги разбирале нивните шеги, па ги прскале со вода. Павле, пак, цело време се занимавл со владеачките работи, тргувал, купувал работи и дома пристигнувал многу доцна. Жена му Марија го чекала и го чекала, но тој работел и работел… И така, наеднаш во градот се појавил змеј, непријател на човекот. Змејот, летал, летал и се мислел што лошо да им направи на луѓето.“ Понатаму приказната вели дека змејот ја грабнал принцезата Марија, но помалиот брат, поучен од ангел, го победил змејот. Сепак, тој би отруен од змејот. Сите лекари од светот не можеле да го излечат, освен една селска девојка Февронија. Таа го излечила, а за возврат побарала тој да ја земе за жена. Но, кога се излечил, заборавил на сè и се радувал дека нема да се жени. Сепак, една дамка од болеста останала на неговото тело. И повторно, тој паднал на смртна постела. Се покајал, се вратил, Февронија прифатила повторно да го лечи, но, сега Петар, го исполнил ветувањетно. За време на нивната свадба, принцот Павле починал. Според пропишаните закони, на власт дошол Петар. Тој за сите одлуки се советувал со Февронија. А принцезата Февронија, била многу гостољубива и милостива. Поради сето тоа, болјарите станале љубоморни. Го набедувале кнезот дека не е во ред да се жени со сиромашна девојка од татко пчелар, но кнезот рекол дека го напушта престолот: “Мене Самиот Бог ме спои со Февронија, не чини сега луѓето да го раскинуваат нашиот сојуз. Ако не сакате кнегиња, тогаш на вас ни јас без неа не ви сум кнез, па ние сме – едно тело, една душа!” И мораше Петар да го остави Муром и да живее во прогонство. Тие заминале далеку со брод. Болјарите почнале да се борат меѓусебно за да ја грабнат власта. На бродот, пак, на еден женет човек му се допаднала принцезата Февронија. Таа ги сфатила неговите помисли и му рекла: „напиј се вода од еднава страна, потоа од другата страна на бродов. Дали е иста водата? “. Мажот одговорил: „иста е“. Принцезата му рекла: „И ние сме така исти. Зошто ја забораваш својата жена и мечатаеш за друга?“. Ноќта пред да легнат, Петар бил натажен што го оставил својот град, а жена му го утешила, велејќи му да легнат мирно да спијат, а за останатото ќе се погрижи Бог. Утредента дошле болјарите и го замолиле принцот да се врати, бидејќи се испотепале еден со друг. Петар и Февронија им простиле на болјарите, се вратиле и целиот живот им помагале на гладните и болните. Тие многу се сакале еден со друг. Кога остареле, станале монаси. И кога дошла смртта, не се разделиле, бидејќи заедно се упокоиле. И до ден денешен тие се заедно на небесата. Затоа тие станале свети. Светите Петар и Февронија претставуваат образец за христијанското сопружништво. Со своите молитви тие испраќаат небесен благослов на оние што стапуваат во брак.”
Преподобната маченичка Февронија
Ќерка на сенаторот Просфор од Рим. За да избегне брак со смртен човек, си Го избра себеси Христа за вереник и се замонаши на Исток во земјата Асирска, во манастир каде што тетка ѝ Вриена беше игуманија. Лисимах, син на еден големец, имаше желба да се ожени со Февронија, но затоа што Диоклецијан наѕираше во него потаен христијанин, го испрати на Исток со чичко му Селин да заробува и убива христијани. Селин беше суров како ѕвер, сегде немилосрдно ги убивашe христијаните. Лисимах пак, каде што можеше ги штедеше христијаните и ги засолнуваше пред својот ѕвероподобен чичко. Кога направи пустош кај христијаните во Палмира, Селин дојде во градот Сивапол, во чијашто близина имаше девствен манастир со педесет испоснички, меѓу кои и Февронија. Иако имаше само дваесет години, во манастирот и во градот ја почитуваа Февронија заради големата кротост, мудрост и воздржливост. Во тој манастир го држеа правилото на блажената Платонида, поранешната игуманија на манастирот – секој петок го минуваа во молитва и во читање од светите книги, тој ден ништо друго не работеа. Од свештените книги, како што одреди Вриена, на сестрите им читаше Февронија, и тоа стоејќи скриена зад завесите за никој да не се замајува и плени со нејзиното прекрасно лице. Кога чу за Февронија, Селин нареди да му ја доведат. Бидејќи Светата девица не сакаше да се одрече од Христа и да се согласи на брак со смртен човек, нареди да ја шибаат, па да ѝ ги избијат забите, потоа ѝ ги отсекоа рацете, па градите, па нозете и најпосле ѝ ја отсекоа главата. Истиот тој ден мачителот го снајде ужасна казна: во него влезе демон и го обзеде некој смртен ужас, во тој ужас тој удри со главата во мермерен столб и падна мртов. Лисимах нареди и телото на Февронија го собраа и го однесоа во манастирот, каде што чесно го погребаа, а тој и голем број од војниците се крстија. Од моштите на Февронија стануваа многубројни исцеленија, а и таа се јавуваше на денот на нејзиниот празник и стоеше меѓу сестрите на своето вообичаено место додека сите сестри ја гледаа со страв и со радост. Света Февронија пострада чесно и се пресели во вечното блаженство во 310 година. Во 363 година нејзините мошти беа пренесени во Цариград.