Денес во Охрид, во организација на Институтот за културно наследство и археологија Скопје, Факултетот за туризам и угостителство Охрид, Општина Охрид и Стопанска комора на Северна Македонија започна дводневна национална конференција на тема: КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО И ТУРИЗМОТ: меѓународни стандарди и локален развој.
Поздравни обраќања на конференцијата имаа: Неговата Екселенција, амбасадорот на Р. Словачка г- дин Хенрик Маркус, градоначалникот на Охрид г-дин Кирил Пецаков, деканката на Факултетот проф. д-р Снежана Дическа и претседателот на научниот одбор на Институтот проф. д-р Љубен Тевдовски.
На конференцијата се обрати градоначалникот Пецаков.
– Во името на градот домаќин и во свое лично име, Ви посакувам пријатен престој во Охрид и успешна и продуктивна работа. Уверен сум дека преку презентациите на научните согледувања и дебати, во текот на овие два дена, ќе придонесете во креирањето на нашите стратегии особено во областа на туризмот и заштитата на културното наследство.
Вредностите на овој древен град, во осумдесетите години од минатиот век ги препознала мегународната стручна јавност и на нивни предлог Охрид и Охридското Езеро, како природно и културно наследство од светско значење се заштитени од УНЕСКО.Тоа е голема чест, но и голема одговорност во пристапот на заштитата на вековното природно и културно богатство – истакна градоначалникот Пецаков.
Пленарно предавање на конференцијата имаше Н.Е. Јордан Плевнеш поранешен амбасадор во УНЕСКО.
Во текот на овие два дена на конференцијата ќе се разгледуваат важни аспекти на поврзаноста на културното наследство и туризмот. Тоа се два сектори кои се навидум различни, но всушност се поврзани еден со друг. Во тој контекст, најважните меѓународни организации и институции како УНЕСКО, ИКОМОС, ИУЦН, Центарот за светско наследство, Советот на Европа, Светската туристичка организација, ОЕЦД, имаат посебни оддели и издаваат официјални документи кои се фокусираат на развивање на врските и потенцијалите на културниот туризам.
Се очекува на оваа дводневна национална конференција, на кој учество ќе земат триесеттина професори и експерти од повеќе универзитети од земјата и странство, како и претставници од локалната самоуправа и бизнис секторот, да се донесат заклучоци кои ќе трасираат насоки за идниот развој и поврзување на културното наследство и туризмот преку нови и иновативни решенија, што ќе најдат примена кај сите чинители на локалниот развој, а тоа се бизнисот, јавните институции и невладиниот сектор.